
На 51-годишниот Киро Христовски, пред година и пол му била извршена трансплантација на бубрег од починат донатор. Претходно осум години бил на дијализа и чекал трансплантација. Во С Македонија околу 150 луѓе чекаат бубрег, но годишно кај нас се вршат само меѓу 20 и 30 трансплантации.
Нефрологот Александар Попоски вели дека во најголем број случаи пациентите со бубрежни проблеми пристигнуваат во многу напредна фаза на болеста. Матичните лекари, вели тој, често пати не даваат навреме инструкции, а самите пациенти често се запоставуваат.
Низ земјава на дијализа се 1.500 пациенти, а најмладиот има само 3 години. Досега 240 бубрежно болни имале трансплантација.
Бубрежните заболувања се меѓу најчестите причини за рана смрт. Се проценува дека 80% од нив се појавуваат во сиромашни или умерено сиромашни земји.
850 милиони луѓе ширум светот имаат некаква бубрежна болест, додека 2,6 милиони луѓе ширум светот се лекуваат со соодветна терапија. Од 5 до 10 милиони луѓе во светот имаат потреба од дијализа или трансплантација, но повеќето од нив поради недостиг на ресурси и финансиски бариери не можат да си го дозволат ниту едното.
Вјолца Алити