Молк од официјална Софија на повикот од Пендаровски за извинување

Нема реакција од официјална Софија по повикот на претседателот Стево Пендаровски Бугарија да се извини за депортацијата на македонските Евреи. За време на вчерашното одбележување на Денот на холокаустот, шефот на државата кажа дека „за да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата“.
Ова барање на Пендаровски сепак отвори полемики во бугарската стручна јавност, а претседателот воедно се најде на мета на критики кај десничарските политичари.
Прв реагираше ко-претседателот на Мешовитата историска комисија, од бугарска страна, Ангел Димитров. Тој кажа дека ставовите на Пендаровски се силно идеологизирани и дека неговите изјави за улогата на Бугарија во депортацијата се несериозни.
„Да се зборува за Бугарија на ваков начин е крајно неприфатливо, дури и некоректно, од страна на политичар со голема одговорност, чија цел треба да е одржување добри дипломатски односи меѓу нашите две држави“, рече Димитров.
Од друга страна, бугарскиот универзитетски професор Михаил Иванов истакна дека се согласува со Пендаровски.
„Тој е апсолутно во право. Зошто не ги слушам демократските политички партии за срамната позиција во која генералот Радев и неговиот круг ја ставија Бугарија?“, рече Иванов.
Од Кабинетот на претседателот денеска информираа дека нема да даваат дополнителни изјави на темата, но дополнија дека на одбележувањето на Денот на холокаустот сите присутни претставници на еврејската заедница ги потврдиле неговите наводи.
Лука Андреев