Битиќи: Додека да ја доквалификуваме домашната, ќе мора да увеземе работна сила од странство

На Северна Македонија сега засега ѝ недостасуваат 10 000 работници годишно, а најзагрозени сектори со недостиг на работна сила се градежништвото, хотелиерството и туризмот, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Овој проблем со недостиг на работна сила во земјава, кој во најголем дел се должи на масовната миграција на населението во потрага по подобри услови и плати, најчесто во земјите членки на Европската Унија, Владата планира да го решава на два начина:
- преку квалификација и доквалификација на домашниот потенцијал и
- преку увоз на работна сила од странство.
Од каде, колку и како, засега сè уште не е дефинирано бидејќи, како што вели вицепремиерот Битиќи, станува збор за стар проблем за кој сега само отворено се дискутира и се бараат решенија бидејќи сè поголем е бројот на компании во земјава кои пријавуваат дека не можат да најдат соодветна работна сила.
Според Битиќи, примарно е работната сила да се обезбеди од домашниот пазар на труд.