Кривичен ја укина пресудата за Даравелски поради апсолутна застареност на делото

Драган Даравелски не мораше да седне ниту на обивнителна клупа во Основниот кривичен суд Скопје на повторно судење за да слушне дека кривичната постапка против него се запира и пресудата со која беше осуден седум години затвор се укинува поради апсолутна застареност на делото.
Ваквата одлука претседателот на судечкиот совет при скопскиот Кривичен суд, како што соопштија оттаму денеска, ја донел надвор од главен претрес, констатирајќи дека е настапена апсолутна застареност на кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ за кое Даравалески се гонеше и беше осуден дека го сторил во периодот од 2001 до 2002 година.
Сепак, како што се наведува во соопштението, станува збор за неправосилно решение, што значи дека за него ќе треба да се изјасни и повисок суд, но само во случај ако Обвинителството поднесе жалба. Доколку тоа не се случи во рок од три дена, решението на Кривичен по автоматизам станува правосилно, појаснуваат за „360 степени“ од Основниот кривичен суд Скопје.
„Судечкиот совет кој постапува по предметот со К.бр. 414/23 против обвинетиот Д.Д. постапувајќи по обвинителниот акт на ОЈО Скопје со КО бр. 1856/03 од 18.04.2005 година за кривичните дела Злоупотреба на службена положба и овлатување од чл. 353 ст.3 вв со ст.1 и в.в чл. 22 и чл 45 од КЗ донесе неправосилно решение со кое кривичната постапка против Д.Д. се запира поради настапување на апсолутна застареност, а пресудата со К.бр. 809/05 се укинува. Имено, по барање за повторување на постапката против обвинетиот Д.Д., доставено од неговиот бранител на 10.01.2023 година, за кое барање Кривичниот совет со решение КПОВ бр. 40/23 дозволи повторување на постапката, а истото решение беше потврдено од Апелациониот суд, беше формиран предмет со К.бр. 414/23 кој согласно АКМИС системот беше распредлен на понатамошно постапување. Претседателот на судечкиот совет, надвор од главен претрес, констатира дека е настапена апсолутна застареност за кривичното гонење, на дело сторено во период од 2001 до 2002 година“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.