Од Агенцијата за филм негираат дека меѓу себе си доделувале пари

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, ги отфрли наодите на Транспаренси Интернешнл дека во повиците на Агенцијата за доделување средства за филмови има судир на интереси и други прекршувања на закони. Тој тврди дека луѓето кои биле вклучени во процесот на оценување како што се рецензентите, филмскиот совет и управниот одбор, биле избрани според дефинираните критериуми и биле обврзани да ги почитуваат законите.
Транспаренси Интернешнл – Македонија соопшти дека по пријави од граѓани, анализирале и констатирале конфликт на интереси во работата на Агенцијата за филм при распределбата на пари од конкурсот за кратки и долги филмови за 2022 година. Како што наведе Слаѓана Тасева од Транспаренси, станува збор за износот од над 4 милиони и 200 илјади евра. Од направените анализи било забележано дека имало незаконски дејствија. Имено, вработени во Агенцијата се пријавиле да добијат дел од парите, а има и сомнежи за еднострано одлучување. Според Тасева, утврдено е дека се направени прекршоци за кои може да се бара и кривична одговорност.
Мефаил Исмаили