Вето за името на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“

Бугарскиот културен клуб од Битола нема да може да го употребува називот „Иван Михајлов“ одлучи специјално формираната Комисија за употреба на имиња. Комисијата заседаваше на последниот ден од законски утврдениот рок од четири месеци и засега негативно мислење има само за „Иван Михајлов“. Врз основа на ваквото мислење сега следува министерот за правда Кренар Лога да одлучи дали ова здружение ќе биде избришано од Централен регистар.
„Именувањето на здружението Иван Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, наведоа од Комисијата за употреба на имиња.
Комисијата до денеска имаше проблеми да се екипира, а треба да разгледа називи на околу 17 илјади здруженија. Нема информација дали културниот клуб од Охрид „Цар Борис III“ ќе го задржи називот, иако од ова здружение првично имаше интерес за процедурата за промена на називот.
Во меѓувреме, од бугарското Министерство за надворешни работи пак, соопштија дека вчеравечер бил обиен Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, кој за разлика од културните клубови е државна институција.
„Во инцидентот, причинета е материјална штета на задниот ѕид на објектот, кој беше отворен на 25 ноември 2022 година. Без разлика на мотивот на сторителите, делото е напад врз самата бугарска држава, бидејќи станува збор за државна институција“, наведоа од бугарското МНР.
Според соопштението на бугарското МНР, тие на нашата амбасадорка во Софија, Агнеза Руси Поповска ѝ кажале дека од особено значење е да не биде дозволено да владее чувство на неказнивост за ваквите настани.
Лука Андреев