ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Абдуш Демири од албанската опозиција предложен за член на ДИК

Албанската опозиција го предложи Абдуш Демири за член на Државната изборна комисија. Европскиот сојуз за промени наведе дека законот јасно дефинира оти тоа место им припаѓа ним и побараа од спикерот на Собранието, по делегирањето на членот од матичната комисија, да го стави неговиот избор на дневен ред.

Advertisements

„Денеска до претседателот на Собранието доставивме писмо преку кое го информиравме за нашиот кандидат за член во ДИК. Ве известуваме дека наш кандидат за член на ДИК е Абдуш Демири кој ги исполнува сите услови утврдени со закон. Свесни за важноста за фер и демократски изборен процес, загрижени за транспарентноста и независноста на овој процес и за фактот дека во моментов нема членови од албанската опозиција во ДИК, сметаме дека изборот на нашиот кандидат е релевантен и неопходен“, рече Фадил Зендели, пратеник од коалицијата ЕДП.

Комисијата за избори и именувања од која Демири треба да добие зелено светло за пленарна седница, соопшти дека работи на техничко-формално разгледување на документацијата за кандидатот. Потоа предлогот ќе биде вратен до претседателот на Собранието.

Опозицијата се сомнева дека досегашното одложување било со намера, по гласањето на техничката влада, власта да ѝ го даде на Алијанса за Албанците која во 100-те дена би можела да одлучи да биде во опозиција. А, дека Алијанса се чини оти навистина може да ја напушти Владата уште пред формирањето на техничката, го најави и нејзииот лидер Арбен Таравари. Имено, зборувајќи за пропаѓањето на предлог-законот за амнестија, кој беше нивен предлог, партијата забележа еден вид предавство од страна на парламентарното мнозинство.

Изборниот законик предвидува дека на опозицијата треба да ѝ припаднат тројца членови, двајца од македонската, вклучувајќи го и претседателот на ДИК, како и еден член од албанската опозиција. Албанскиот опозициски блок остана без претставници во оваа комисија во моментот кога Кренар Лога од Алијанса поднесе оставка во ДИК и стана министер за правда.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button