Адеми: Потребни се 61 пратеник за функционирање на Собранието, имаме 62!

Пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми во емисијата „Патот кон…“, рече дека Собранието не се соочува со недостиг на кворум и оти функционира нормално. Според него, потребни се 61 пратеник за правилно функционирање на законодавниот дом, а сегашното парламентарно мнозинство има 62.
„Во наши околности, во нашето Собрание треба да имаме минимум 61 пратеник, додека во нашиот случај имаме 62, додека природната тенденција е да обезбедиме поголемо, постабилно мнозинство и тоа е сосема во ред. Но, за волја на вистината, постои мнозинство. Парламентот работи. Ова е резултат на политичката зрелост на различните парламентарни партии кои учествуваат во Собранието, можеби секој ја разбира тежината на одговорноста што ја има. За волја на вистината досега немаше проблеми во функционирањето во работата на Собранието“, рече Адеми.
Според Адеми, со деловникот за работа на Собранието, претседателот на Собранието има право да ја одложи седницата пред чинот на гласање и самиот акт за гласање може да се премести за друг ден, кога ќе има кворум, за што дополнително ќе ги извести пратениците. Тоа според Адеми, тоа е добро решение што го оневозможува блокирањето на работата на Собранието.