АЕК со препораки за заштита од сајбер-напади

Примена на превентивни мерки против сајбер-напади и инциденти, препорача Агенцијата за електронски комуникации, по зачестените хакирања на државни институции кај нас и во регионот. Од АЕК апелираат државата, но и фирмите, да извршат безбедносни проценки на своите информациски системи и споделија листа на приоритетни активности кои би требало да се применат во најкраток рок:
„Проверка и ревизија на пристапот преку повремена промена на лозинки, воведување на најава со повеќе фактори, ограничено користење на сметки со администраторски пристап“, наведуваат од АЕК.
„Проверка на мерките за одбрана преку навремено ажуриран и активен антивирусен софтвер на сите уреди и системи и со периодично тестирање на правилата за интернет сообраќај“, апелираат од АЕК.
Од АЕК додаваат дека институциите и фирмите треба да креираат план за одговор при инциденти и да назначат лице кое ќе биде задолжено да ги евидентира сомнителните сајбер активности. Една од препораките вклучува и бесплатни обуки…
„…преку едукација на вработените како да препознаат лажни пораки и кому да пријават“, велат од АЕК.
Овие препораки следуваат по најновиот хакерски напад на веб-страницата на Министерството за образование, која сè уште не функционира. Од соседството пак, летово, а повторно и во саботата хакерски напад од големи размери се случи во Албанија. Последниот предизвика блокирање на граничните премини и пристаништата. Тирана обвини дека зад нападите стои Иран.
Лука Андреев