Аферата „Предатор“ кулминира со македонска фирма на Црната листа на САД

Македонската компанија „Сајтрокс“ заедно со три сестрински и сродни компании „Сајтрокс холдинг“ од Унгарија, „Интелекса“ од Грција и „Интелекса лимитед“ од Ирска се ставени на американската црна листа. Министерство за трговија на Америка објави дека овие компании се ставени на црната листа поради злоупотреба на софтвер за шпионажа.
Со „Сајтрокс“ како фирма со адреса во Скопје, а во сопственост на „Интелекса“, раководел Иво Малинковски, син на познатиот бизнисмен Илија Малинковски. Младиот Малинковски ја водел оваа компанија во времето кога канадската организација објави информација за поврзаноста на македонската компанија со софтверот „Предатор“.
После тоа, првиот човек на компанијата беше сменет, додека Силвија Јастржебска беше назначена во јуни. Скандалот поврзан со нарушување на националната безбедност на САД и земјите во кои работат компаниите, се сомнева дека овозможил софтвер кој влијаел на следење на комуникациите на граѓаните. Локалните власти имаа сознанија за постапките на „Интелекса“ и нејзината вмешаност во масовното прислушување во Грција на новинари и опозиционери. Неофицијално се дознава дека поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање имала информации за овој софтвер од 2017 година, а во јануари годинава поранешната заменичка и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, алармираше за дејноста на оваа компанија. Ременски уште во јануари изјави дека компанијата ја води државата кон меѓународна истрага за шпионажа, вперувајќи го прстот кон домашните институции дека молчат за скандалот. ВМРО-ДПМНЕ ја прашува власта каква врска имаат со оваа компанија, за која знаеле, но не реагирале?
„Сите меѓународни истраги докажуваат дека софтверот за следење комуникации „Предатор“ е незаконски развиен во Скопје од компанијата „Сајтрокс“. Дали овој шпионски софтвер е нарачан од името на Ковачевски и се користел за шпионирање на граѓаните?“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ од Скопје изминативе месеци објави истражување токму за активноста на „Сајтрокс“, „Сајшарк“ и за активностите на семејството Малинковски, предизвикувајќи сомнежи кај дел од јавноста дека софтверот се користи и за прислушување новинари кои се против власта.
Адријан Керими