ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Аферите на функционери што ја одбележаа 2024 година

Аферите на функционери што ја одбележаа 2024 година

Артан Груби, Перпарим Бајрами, Енвер Беџети, Васко Ковачевски, Иџет Мемети и Наќе Георгиев. Ова се имињата на функционерите против кои беа отворени случаи во текот на 2024 година под сомнение за вмешаност во корупција на високо ниво.

Advertisements

Груби, можеби, е главната фигура, која од врвот на власта заврши во бездната на американската црна листа. И тој, обвинет за примање мито за да го спаси од затвор поранешниот директор на Тајната полиција, озлогласениот Сашо Мијалков. Според Американците тоа го направил во соработка со контроверзниот судија Енвер Беџети. Судијата Беџети девет месеци го држеше предметот на Мијалков во фиока за да  застарат кривичните дела за незаконското прислушување. Самиот Судски совет го констатираше прекршокот, но судијата беше казнет со само 20 отсто од платата за шест месеци.

Вклучувањето на Груби на Црната листа, освен што предизвика огромен политички реакции, конечно предизвика и реакција  на обвинителството. Иако немаше конкретно постапување по директните обвинувања наведени од американскиот Стејт департмент, Обвинителството една недела подоцна отвори случај за злоупотреба во Државната лотарија. Според обвинителството, Груби од позицијата поранешен вицепремиер, заедно со директорот Перпарим Бајрами, се првите двајца осомничени за злоупотреба на над 8 милиони евра, откако купиле VLT уреди иако немале законско право.  Штетата во Државна лотарија, според владините претставници е многукратно поголема од 8 милиони евра.

Иако Груби покажа желба за правда, дури и остро го критикуваше поранешниот премиер Никола Груевски за неговото бегство во Будимпешта, тој побегна од земјата ден пред полицијата да упадне во неговата куќа и не беше достапен за органите на прогонот. Ниту Груби, ниту Бајрами се достапни за властите во земјава. 

Истото се случи и со Васко Ковачевски, поранешен директор на Македонски електрани, кој беше дел од осомничените во акцијата со кодно име „Адитив“. Во овој случај опфатени беа 23 лица, кои според Обвинителството преку тендерите за набавка на адитиви платиле три пати повисоки цени со што го оштетиле државниот буџет за 6,5 милиони евра.

Другиот шокантен случај беше оној со Наќе Георгиев и Иџет Мемети, едниот врховен судија, другиот заменик претседател на Советот на обвинители. Георгиев е фатен на дело како зема поткуп од 10.000 евра за да влијае на олеснување на судскиот процес против поранешниот градоначалник на Ново село, Боро Стојчев, кој е обвинет за трговија со наркотични средства.

Во овој случај беше вклучен и Мемети, кој има богата биографија во извршување на функции и тоа министер за правда, Уставен судија, народен правобранител и на крајот член на Советот на јавни обвинители.

Според обвинението, Мемети остварил телефонски разговори и видео повици со Георгиев и синот на Стојчев за да гарантира на овој начин дека со неговите овластувања гарантира изрекување на казна помала од предвиденото.

Иџет Мемети призна вина за примање награда за противџзаконито влијание и се спогоди со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за условна казна. 

Мемети  доби и забрана за вршење на дејноста во наредните три години. Тој до Собранието веќе поднел неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители.Од друга страна, судијата Георгиев беше осуден на 3 години затвор, за делото кое според Кривичниот законик е предвидена казна затвор од 1 до 10 години.

Во јавноста имаше критики за ниските казни на Георгиев и Мемети.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button