ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Агелер: Граѓаните да им стават до знаење на политичарите дека сакаат да бидат дел од ЕУ

Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер порача дека просперитетот и сигурноста на земјава лежат во интеграцијата во Европската Унија, коментирајќи го процесот на уставните измени. Агелер изрази надеж дека политичарите од сите партии во Македонија ќе делуваат во насока на интегрирање на земјата. Од посетата на граничниот премин „Богородица“ таа испрати и порака до граѓаните.

„Границата со Грција нè потсетува на тешките одлуки кои веќе ги донесе оваа земја и разбираме дека постојат потешкотии, но ги охрабрувам граѓаните да им стават до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од Европската Унија“, рече Агелер.

Уставните измени беа главна тема и на вчерашната средба во Атина на премиерот Димитар Ковачевски со претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лајен. Иако процесот во првата фаза во Собранието не доби поддршка од опозицијата и првиот човек на Комисијата сподели надеж дека уставните измени ќе бидат изгласани.

„Го поздравив поднесувањето на уставните амандмани од страна на Владата во Собранието. Се надевам дека сите партии ќе дадат поддршка, за да продолжи напред Северна Македонија на патот кон Европската Унија. Северна Македонија ѝ припаѓа на ЕУ“, рече Урсула вон дер Лајен – претседател на Европска Комисија.

Во однос на средбата Вон дер Лајен – Ковачевски, од Владата соопштија дека двајцата размениле мислења за текот на скрининг процесот и очекуваното отворање на првите кластери од преговорите. Тие зборувале и за предностите од членството во ЕУ и било потенцирано дека е од клучна важност да не се пропушти оваа шанса за членство на Македонија во Унијата. На маса било дискутирано и за новиот план на Брисел за забрзана интеграција со земјите од Западен Балкан и во овој контекст било порачано да се забрзаат фундаменталните реформи, по што ЕУ ќе ги зголеми претпристапните средства за земјите од регионот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button