ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Агелер: Ставањето на Агушев на црната листа се темели на докази

Американската амбасадорка Ангела Агелер, на брифинг со новинарите рече дека ставањето на Кочо Анѓушев на „црната листа“, не се однесува на сомневања, туку на „многу докази“ за неговата вмешаност во коруптивни активности.

Advertisements

„Има разни аспекти во кои не можам да навлегувам поради приватност, зашто приватноста ја земаме предвид дури и за лица што ги санкционираме. Сум слушнала како луѓето велат – зошто него. Поточно, еден новинар ме праша – зошто Кочо, тој е добар човек. Ќе повторам уште еднаш – има многу докази за повеќе случаи, така што не е само „оф, еднаш се лизнав“, рече Агелер.

Американската амбасадорка, појасни дека Кочо Анѓушев нема да биде единственото име на „црната листа“, и одговори на шпекулациите дали следно е името на некој член на семејството Заев..

„Можам да ветам дека има и други луѓе чии случаи се обработуваат во Вашингтон. Не сакам да шпекулирам кога ќе бидат објавени, но ви ветувам дека ова не беше презимето“, рече амбасадорката, додавајќи дека се работи за сложен и напорен процес кој резултира со целосно уверување дека одредени лица навистина се дел од коруптивни активности.

„Во оваа земја има епидемија на корупција и таа го погоди секој сектор, секоја организација и само со посочување на корумпираните чинители можеме да почнеме да ѝ помагаме на земјата да се справи со тие прашања“, рече Агелер.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button