Ахмети: ВМРО ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени и нивните барања ќе бидат исполнети

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети оценува дека нема потреба од лидерска средба. Според него, изборите не нудат решение во оваа ситуација и тие ќе се одржат во рокот предвиден со закон. Ахмети го потсети ВМРО-ДПМНЕ на понудата од ДУИ да се повлече од извршната власт.
„Не знам како можеме да направиме поголема услуга на народот од тоа да ја направиме земјата членка на ЕУ. Изборите не нудат решение. Изборите ќе се одржат во редовниот термин, напролет следната година. Ние ја претставивме нашата силна волја и стоиме на тоа, се повлекуваме од извршната власт во моментот кога ќе ги гласаат уставните измени“, рече Ахмети.
Но, опозицијата инсистира на лидерска средба. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува лидерите да размислат за, како што вели, спречување на уставната криза поради датуми на претседателските и парламентарните избори кои се блиску еден до друг.
Албанската опозиција е подготвена за средба на која ќе побараат претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист датум. Лидерот на Беса Билал Касами вели дека здружената албанска опозиција е подготвена за предвремени парламентарни избори.
„Ја повикуваме оваа Влада што поскоро да размисли, да закаже лидерска средба и да распише предвремени избори.. За краток период од 3 месеци како што се закажани изборите, оценуваме дека тоа е непотребен трошок и бараме изборите да се одржат во еден термин“, рече Билал Касами, претседател на Беса.
СДСМ прифаќа средба со опозицијата, но под услов уставните амандмани да се изгласаат сега и да се оди на избори или да се усвојат уставните измени, да се заврши скринингот и две поглавја а потоа се одржуваат избори. Во овој период власта и опозицијата заеднички да ја делат извршната власт. Првиот човек на Собранието пред неколку дена изјави дека е подготвен да свика средба, но прво мора да се види волјата на политичките лидери и да се одреди темата за која ќе се разговара.
Адријан Керими