Ако не обезбедиме струја од соседите, ќе имаме рестрикции

Во земјава може да има рестрикции на струја во текот на зимската сезона, доколку властите не обезбедат 1/3 од дневните потреби од увоз со соседните земји. Од државната МЕПСО велат дека врз основа на производниот потенцијал на нашите електрани може да се обезбедат максимум од 65 до 70% од струјата што ни треба. Останатите 30-35% треба да се увезе. Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани, вели дека нема да има рестрикции само ако се обезбеди енергија од соседните земји.
„Истиот тренд е во последните неколку години и ако се земе предвид планот што го претстави ЕЛЕМ за производство на енергија во текот на претстојната зима, но и обидите на Владата да обезбеди електрична енергија од соседните земји, доколку се завршат сите овие чекори успешно, тогаш верувам дека оваа зима ќе ја поминеме без отстапувања или значителни проблеми“, рече Муртезани.
Но, процентот на увоз на струја може да биде уште поголем ако се земе предвид и струјата што се губи поради амортизираната мрежа. Во трансформаторските станици и од далноводите со кои управува МЕПСО, тековната загуба е 1,8% или 125 GW/h годишно. Од ЕВН велат дека загрижувачки се пресметките за технички загуби.
„Во 2021 година околу 14% од вкупното производство на електрична енергија што помина низ дистрибутивната мрежа се пресметува како технички и комерцијално загубена. Овој изгубен процент изнесува 913,4 GW/h… Без разлика дали се технички или комерцијални, ЕВН ги набавува сите износи на загуби на отворен пазар по пазарни цени“, наведуваат од ЕВН.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека според законите на физиката, нормално е да се загуби енергија до 15% од вкупното производство, но од ЕВН велат дека Регулаторна не им ја прифаќа пријавената загуба од 14%, туку само 12. Но, дали граѓаните плаќаат за загубите во мрежата? Според ЕВН, во самите сметки за струја на транспарентен и детален начин се гледа што плаќаат потрошувачите, а тоа е: Надоместок за потрошена електрична енергија, Надоместок за пренос и дистрибуција, ДДВ 5% и Општинска такса за јавно осветлување. Од друга страна има и загуби од кражби. Според официјалните податоци, во земјава секоја година се крадат околу 300 илјади мегават/часови електрична енергија, што е близу 10 отсто од вкупната потрошувачка на домаќинствата. Штетата од нелегалните приклучоци надминува 100 милиони евра годишно. Дел од струјата се троши за копање криптовалути.
Аднан Ќаили