Ако промена на Уставот не е мешање во внатрешните работи на една независна држава – не знам што е, вели Мицкоски по изјавата на бугарското МНР

Ако промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава тогаш навистина не знам што е – изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја вчерашната реакција на Министерството за надворешни работи на Бугарија од каде оценија дека е зачудувачки што преземените обврски од страна на земјава се доживеани како мешање во внатрешните работи од страна на македонскиот премиер.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски изрази жалење што новиот министер за наворешни работи на Бугарија, како што рече, заборава дека добрососедските политики се темелна вредност на европските вредности, без разлика дали некој е дел или не е дел од Европската Унија.
„Би се повикал и на меѓународното право, на Конвенцијата за заштита на правата на заедниците и тука не можам, а да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија, којашто се темели на 14 пресуди од Судот за човекови права, да го реализира и тука треба ние сите како граѓани да дадеме поддршка на македонската заедница во Бугарија која, за жал, во 21 век во земја членка на ЕУ не може тоа право да го оствари и тоа нема никаква врска со внатрешните работи туку исклучиво на резолуцијата за заштита на човековите права чиј ратфикатор е и нашиот источен сосед и наш партнер во НАТО“, изјави Мицкоски.