Актуелниот парламентарен состав мака-мачи со работата уште од конституирањето

Собранието беше полу-функционално неколку месеци пред опозицијата да почне да поднесува илјадници амандмани со единствена цел блокирање на процедурите. Некои од собраниските комисии не беа ни свикани, не завршуваа на време или беа откажани од различни причини. Овие проблеми ги призна претседателот на Собранието кој рече дека сè се должи на политичките судири.
„Тоа е главно реакција-контра-реакција. Кога опозицијата не свикува неколку седници на комисиите со кои претседава, реакцијата на мнозинството е дека дел од комисиите со кои претседава мнозинството, но каде има предлози на опозицијата да не ги свика. За мене, одговорен е тој, кој има должност да ги свика седниците, но не ги свикува, како кај едната, така и кај другата страна.“
Џафери вели дека системот не признава дисциплинска одговорност за пратеникот кој не ја исполнува својата должност, освен одговорноста пред граѓаните.
Пратениците пак, инсистираат дека се одговорни и го обвинуваат политичкиот ривал за блокадите.
Најстарата од ваквите комисиски седници која сè уште не е завршена е првата седница на Анкетната комисија за заштита на граѓанските слободи и права, првично свикана на 22 октомври лани. Нејзин претседател е опозицискиот пратеник Халил Снопче.
„Досега закажав две седници на Анкетната комисија за човекови права и слободи. Тие состаноци беа поврзани со претставки од граѓани кои имале проблеми со кршење на нивните права на работното место. Нормално, претставките се однесуваа на поплаки кон државни инстанции и тие инстанции ги контролира Владата. Како резултат на тоа, владиното мнозинство воопшто не учествуваше. Другиот проблем е непреведувањето на материјалите на албански јазик.“
Ниту 5-та седница на Комисијата за финансирање и буџет од 13 ноември 2020 година сè уште не е завршена. Со неа раководи опозицискиот пратеник Тимчо Муцунски од ВМРО. Без епилог останаа и седниците на работните тела предводени од власта. Меѓу нив, сè уште недовршена и седницата на Комисијата за избори и именувања од 14 декември, со која претседава Костадин Костадинов и онаа од 7 декември на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците со која претседава пратеничката од мнозинството, Соња Мираковска.
Fatlume Dervishi