Алармантни податоци за квалитетот на Охридското езеро

Водата во Охридското езеро, во делови од крајбрежето е од трета и петта категорија, покажале неодамнешните анализи на Центарот за јавно здравје од Охрид. Тоа значи дека истата не се препорачува за спорт и рекреација. Најкритична е состојбата кај месноста Мазија, во близина на едриличарскиот клуб, на крајот од градскиот кеј. Со лош квалитет многу често е и езерската вода, во населба Воска, во делот пред самиот стадион.
„Таму е најзагадена. Таму дефинитивно едриличарски сојуз не треба да постои, едрилица во вода не треба да се стави. Петта класа беше повторно водата од цевката која што атмосферска вода треба да носи, а таму извира вода со фекалии. Се гледа партали летаат. Од езерската вода зедовме примерок, некаде 80 сантиметри одалеченост од десната страна од цевката, таму е трета класа, а хемиски е незадоволително. Таму деца одат да учат. Јас не знам до сега жолтица како не добиле тие“, рече Лидија Симоноска- Центар за јавно здравје Охрид.
Симоновска алармира дека фекална вода од објектите и јавните тоалети се влева и кај езерската трска во манастирскиот комлекс Свети Наум. И екологистите предупредуваат, дека мора да се преземат мерки за да не се случуваат вакви несакани појави.
„Понекогаш и во самиот град, во крајбрежието, понатака на источното крајбрежје кај Пештани, Трпејца, Љубаништа ,тоа е затоа што сеуште тој прстен од цевковод кој што служи за одведување на отпадните води не е завршен, а една причина важна е и тоа што сѐ уште не е целосно одделена атмосферската со фекалната канализација“, вели Ѓоко Зороски, еколог.
„Ова вака не можи. Добро е што трската е таму па трската е како бариера, инаку таму каде што се изливаат овие фекални материи, јас не знам што ќе биде и плажите околни ќе се катастрофа. Ако не, нека се исуши езерово па сите ниви нека работат, обработлива површина нека стане, тамам ќе биде добро наѓубрена таа површина“, рече Лидија Симоноска, Центар за јавно здравје.
Во струшкиот дел водата е добра за капење, бидејки вели таа таму нема вакви загадувачи. Од Центарот за јавно здрваје,побарале од сите надлежни институции во најкраток рок да ги лоцираат објектите кои фекалните отпадни води ги имаат приклучено во атмосферската канализациона мрежа. Ако нема реакција во најбрзо време, стравуваат дека може да случи еколошка катастрофа во езерото.
Мики Трајковски