
Загрижувачки е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентните девојчиња во Македонија, покажува истражувањето спроведено во 2022 година во рамки на меѓународната лонгитудинална ХБСЦ студија Однесувања поврзани со здравјето кај деца на училишна возраст (11, 13 и 15 г.), која кај нас се спроведува веќе 20 години. Таквиот тренд е широко застапен низ Европа и Централна Азија.
Дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја пријавиле чести нерасположенија, речиси секојдневно во последните шест месеци. Од психосоматски тегоби како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, истовремено, повеќе пати неделно во последните шест месеци страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години.
И задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.
Високи родови нееднаквости, низ повеќе истражувачки циклуси се забележуваат и во сексуалните искуства на младите на 15 години во земјава. 30% од момчињата наспроти 5% од девојчињата (во просек) пријавиле дека се сексуално активни на таа возраст. Од друга страна, во демократски развиените земји каде што се спроведува Студијата, меѓуродови разлики речиси нема, а се забележува и бавен, но сигурен пад на сексуалните искуства меѓу младите.
Во поглед на ризичните однесувања на младите, типични за адолесцентниот период, како што се пиењето, пушењето цигари, тепачките и проблематичното користење на социјалните медиуми, се забележува растечки тренд со возраста. Меѓуродовите разлики се видливи во различните стратегии на момчињата и девојчињата за справување со притисоците – повеќе момчињата учествуваат во тепачки, а пак девојчињата повеќе се ангажираат во проблематично користење на социјалните медиуми.
Анализата е објавена во чест на 10 октомври, Светскиот ден на менталното здравје, како дел од студијата „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст (ХБСЦ)“.