Алармантно влошување на здравјето на Бојан Јовановски, предупредува неговиот правен тим

Правниот тим којшто пред Судот го застапува Бојан Јовановски денеска излезе со соопштение преку кое предупредува на влошување на неговата здравствена состојба и ја нагласува потреба од итен оперативен зафат.
Во соопштението меѓу другото се наведува:
На ден 07.03.2023 на ЈЗУ УК за ГЕХ Скопје, на осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13, му беше напревена Горнодигестивна ендоскопија, Гастроскопија , при која инвестигација, во наодот од истата е констатирано крајно и алармантно влошување на здравствената состојба на Бојан Јовановски, со предлог за оперативен третман тотална гастректомија со езофаго-јејуно анастомоза, односно целосно отстранување на витален орган желудник, бидејќи врз пациентот терапевтскиот третман не е спроведуван, ниту реализиран, односно со ова медицинско иследување и наод се потврдува фактот дека осудениот Бојан Јовановски нема услови и можност да се лекува и да се третира во пенални затворски услови.
Наодот од извршената гастроскопија е рефериран и одобрен од стручниот колегиум на Клиниката УК за ГЕХ Скопје. Животот на осудениот Бојан Јовановски е ставен во ризик, бидејќи извесно е во секој момент да настане компликација која ќе биде фатална по неговиот живот, па наместо законита постапка имаме состојба на хазардерско постапување од страна на надлежните органи, а како влог е ставен животот на осудениот Бојан Јовановски!, пишува правниот тим на Бојан Јовановски.