Албанската опозиција за блокадата од Бугарија ги обвинува СДСМ и ДУИ

За блокадата од Софија, лидерот на опозициската партија, Алтернатива бара одговорност од владејачката коалиција СДСМ-ДУИ зошто не се почитува договорот од 2017 година. Од Алтернатива обвинуваат дека поради партиски интереси се загрозува стратешката цел на земјава, а цената ја плаќаат сите граѓани. Африм Гаши уште еднаш ја истакна потребата Скопје на Бугарија да ѝ одговори со унифициран национален став.
„Ако се сеќаваме на изјавите на Заев и Борисов при потпишувањето на Договорот за добрососедство, со какви убави зборови се обраќаа едни кон други. Треба да им се постави прашањето: Што ви се случи во текот на овие 3 години? Зошто ја раскинавте врската и се вративте на ригорозните позиции од ‘90-тите? Некој тука згреши. Не знам што се случи, но ако денес имаме„ закана дека Бугарија ќе го попречи процесот на интеграција на земјата, додека пред 3 години сакаше да биде промотор на интеграцијата на нашата земја во ЕУ, нешто се случило.“
Од друга страна, најголемата опозициска партија во Бугарија, социјалистите, ги повика премиерот Борисов и министерката за надворешни работи Захариева да не „пазарат“ со националната позиција поради надворешни притисоци и да инсистираат на изјаснување на Националното собрание пред да одат на состанокот на Генералниот совет на ЕУ, каде се очекува да се финализира рамката за преговори за Скопје.
„Во моментов не се исполнети условите Бугарија да ја поддржи Северна Македонија за членство во ЕУ. Европската иднина на РСМ не може да се постигне на штета на нашето национално единство, бугарската историја и компромиси со историската вистина.“
Бугарските социјалисти инсистираат властите во Скопје да се откажат од македонско малцинство, да го користат целото име на државата, да направат компромис за признавање на денешниот идентитет и македонскиот јазик со признавање на нивната бугарска генеза и да се стави крај на, како што велат, говорот на омраза, односно на антибугарската пропаганда во Македонија.
Anesa Salihu