Албанските опозициски пратеници од денеска се организирани во пратеничка група

Трите партии од коалицијата Европската сојуз за промени формираа пратеничка група која беше дел од договорот за соработка. Групата ја сочинуваат шест пратеници, тројца од групата на Изет Меџит, двајца од Алтернатива и еден пратеник од Движењето Беса. Координаторка на групата е Сафије Шахини Садики, додека заменик координатор е Мерита Коџаџику.
„Формирањето на пратеничката група ќе биде дополнителна вредност во оваа соработка. Оттука сакаме на граѓаните да им ја пренесеме вестa дека нашето обединување расте и нашата моќ се зголемува“, рече Африм Гаши, претседател на Алтернатива.
Во групата не се приклучи пратеникот на Алтернатива Хисни Исмаили, кој пред извесно време најави фракција и прекин на неговите внатрепартиски активности. Првиот човек на партијата Африм Гаши немаше објаснување за Исмаили, но рече дека секој што не е со нив, сега е со ДУИ.
„Ги повикуваме и другите пратеници кои сакаат да ни се придружат. Отворени сме и за другите пратеници. Отсега се што се случува во албанскиот блок, со пратениците, политичките партии е или кај албанската опозиција или кај ДУИ“, додава Гаши.
Албанската опозиција се сомнева дека се подготвуваат пречки да не добијат член во Државната изборна комисија, како што предвидува законот. Тие го повикуваат мнозинството да не го попречува овој процес.
„Овде ја користиме приликата да го поканиме Талат Џафери што поскоро да ја исправи грешката, да го затвори конкурсот, да го избере кандидатот на опозицијата и да придонесе во процесот за фер и демократски избори. Во спротивно ќе не принуди да ги искористиме сите радикални политички мерки“, рече Изет Меџити, претседател на Демократско движење.
Европскиот сојуз за промени веќе најави дека ќе има кандидат на претседателските избори и ќе се натпреварува како коалиција на парламентарните избори.
Фатлуме Дервиши