
Косово ги зајакна граничните контроли со Србија. По состанокот на Советот за безбедност, косовскиот премиер Албин Курти рече дека чинот на киднапирање на тројца косовски полицајци го нарушува суверенитетот на земјата. Курти ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија за како што рече да ја запре својата агресија против Косово и веднаш да ги ослободи тројцата киднапирани полицајци. Според него, со овој чин косовската полиција била цел на одмазда од Србија поради апсењето на Милун Миленковиќ – Луне, осомничен за организирање на насилните протести на северот на Косово.
„На местото на настанот биле КФОР, косовската полиција и биле пронајдени траги од странски чизми и чевли кои оделе во насока на Србија, а биле пронајдени и пластични лисици. Па како е можно тие да тврдат дека биле уапсени во Србија кога нивни пластични лисици се токму на местото каде што велиме ние… “, рече Албин Курти, премиер на Косово.
Курти рече дека е изненаден од молкот на КФОР.
„Она што ме чуди е фактот дека дури ни утредента, со оваа вистина што ја презентираме пред вас, КФОР официјално не се огласува. Кое е значењето што следниот ден по настан кој не беше во вечерните часови, туку на пладне, КФОР сè уште не излегува со официјално објаснување каде е ова место? Ова место е јасно во Република Косово и знаете што и во овој момент сме на тоа место, не е Србија и возилото и храната што ја јаделе полицајците, сè е длабоко на територијата на Косово“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.
Инцидентот, според косовската полиција, се случил за време на патролата на местото наречено Тресаве/Баре, на граничната линија во северно Косово.
Но, српскиот претседател Вучиќ изјави дека полицајците биле заробени на српска територија и оти амбасадорите на земјите од Квинт и ЕУ добиле снимки од апсењето. Тој тврди дека српските власти не ги малтретирале. Вучиќ ја повика меѓународната заедница да го спречи косовскиот премиер Курти да започне нова војна.
„Разговарав со претставници на ЕУ и Квинт. Побарав од нив да сторат сé што е во нивна моќ за да го спречат Курти да започне нова војна на Балканот“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
На граничниот премин Мердаре, на територијата на Србија околу 60 камиони чекаат да влезат во Косово. Курти тврди дека мерките не се економски или комерцијални, туку безбедносни. /Алсат.мк