
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не го менува ставот за ситуацијата во Украина. Запрашан дали Србија ќе ги сноси последиците од невоведувањето санкции кон Русија, како и да го коментира ставот на поранешниот премиер на Шведска, Карл Билт, дека Србија може да се збогува со ЕУ, Вучиќ нагласи дека станува збор за однесување на посилните кон послабите.
„Не се сеќавам дека имало толку тешка ситуација, да го цитирам Лаушевиќ: „Годината поминува, а денот никогаш“. Јас овие три дена остарев како за 10 години“, рече Вучиќ.
Ова беше единствениот коментар за ситуацијата во Украина и притисокот, како што го нарече Вучиќ, за Србија да воведе санкции кон Русија. Тој зборуваше и за барањето на Косово за влез во НАТО за што рече дека тоа не е нова идеја, туку е идеја на политичари од САД.
„За прв пат го слушнав ова пред неколку месеци, тоа не е идеја на Албанците од Косово, тоа е идеја на политичари од Соединетите Американски Држави. За нас, ситуацијата не е наивна, но кој и да го признае Косово, Србија ќе го почитува меѓународното право, ние ќе го почитуваме територијалниот интегритет, а тоа е Србија. И покрај сите притисоци и уцени, ние ќе го зачуваме нашиот територијален интегритет“, рече Вучиќ.
Саранда Селими