ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Али Ахмети: „ВМРО-ДПМНЕ има двојни стандарди“

Али Ахмети: „ВМРО-ДПМНЕ има двојни стандарди“

Нема најави за нови средби за изнаоѓање решение за уставните измени меѓу власта и опозицијата. Партиите комуницираат само преку медиумите и не планираат лидерски или слични средби. Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, од Форумот за дијалог во Преспа, денеска изјави дека ВМРО има двојни аршини во однос на уставните измени и европската интеграција, но тој сепак смета дека ќорсокакот има решение.

Advertisements

„ВМРО треба да биде многу појасно, да не прави политика со двојни аршини; дење сум за владеење на правото и за членство на земјата во Европска Унија, сум за решавање на проблемите со кои се соочуваме, а ноќе флертува и гради политики кои не го фаворизираат решавањето на проблемите. Ова го гледаме како проблем што може да се реши и веруваме дека во ВМРО има прогресивни сили кои ќе го сфатат тоа во вистински момент“, изјави Али Ахмети, прв човек на ДУИ.

СДСМ бара партијата на Мицкоски да формира работна група како што направија и тие и да се продолжи со преговорите.

Од ВМРО пак, бараат од СДСМ јавно да одговорат дали некоја нивна опција е прифатлива или не.

„Понудата на ВМРО-ДПМНЕ е концизна. Дадени се два предлога и доколку СДСМ и Ковачевски не ги прифатат, нема поддршка бидејќи со овие предлози се овозможува и евроинтеграција и зачувување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, рече Ели Панова, ВМРО-ДПМНЕ.

Како опции ВМРО предлага проширена влада без ДУИ и донесување на уставни измени кои би стапиле во сила по завршувањето на пристапните преговори, односно пред самото членство во ЕУ. Втората опција се предвремени избори наесен и гаранции од европските институции за заштита на македонскиот идентитет, фондови и спроведување на три пресуди на Судот во Стразбур за правата на Македонците во Бугарија.

Единствената отстапка што досега е подготвена да ја направи СДСМ е да се одложи стапувањето во сила на уставните измени, но само до денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција, евентуално околу крајот на годинава. СДСМ на ВМРО ѝ нуди и половина од министерските ресори што сега ги водат нивни кадри.

ДУИ пак е подготвена да ја напушти Владата, но на денот кога ќе стапат во сила уставните измени доколку тоа се случи на денот на втората меѓувладина конференција со Брисел. Друг услов на Ахмети е и да се поведе истрага за можна корупција против политичките партии и нивните раководства.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button