Алијанса и Огнената група против опозицискиот фронт на БЕСА

Пратеничката група на Алијанса за Албанците ја одби поканата на првиот човек на Движењето Беса, Биљал Касами да се приклучи на таканаречениот опозициски фронт. Во нивната реакција се вели дека оваа негова покана предизвикува поделби.
„Биљал Касами, Алијанса за Албанците не е само пратеничка група, не се само пратеници, а уште помалку група платеници што ги нарекувате контакти со членството на Алијанса за Албанците. АА е цела политичка структура со својата хиерархија и политичка структура која се протега во секој град, село, маало, од Липково до Битола. Од твојата маленкост како политичар не очекуваме да излезат големи зборови, туку само зборови со пораки за поделби и да се каже дека не си подготвен за големи работи“, наведоа од Пратеничката група на Алијанса за Албанците.
Пратеникот на Беса, Фадил Зендели, вели дека опозицискиот фронт не е само за двете партии Беса и Алтернатива, туку е отворен за сите пратеници, невладини организации и експерти кои сакаат промени во албанската политичка сцена. Според него, Алијанса веќе си го определила својот пат.
„Добра намера на претседателот Касами беше оваа опозициска група да биде што поширока, но реално претседателот на Алијанса за Албанците претходно изјави дека имаат намера да имаат заеднички листи со ДУИ. Можеби тие го избрале својот пат. Тие за нивната работа, ние за нашата“, рече Зендели.
Поканата на Касами важеше и за пратениците на Огнената група кои ја поздравија иницијативата за опозициски фронт, но одговорија дека битката ќе ја продолжат во ДУИ. Додека е така, велат, соработката е невозможна.
„Ние сме заинтересирани да соработуваме со нив. Но, сè додека се изјаснуваат дека се дел од ДУИ, оваа соработка донекаде станува невозможна. Ние сме опозициска партија. Наша цел е да ја одведеме ДУИ во опозиција и сè додека има нејаснотии во оваа насока, таквата соработка е невозможна“, додаде Зендели.
Беса и Алтернатива потпишаа договор за опозициски фронт. Двете партии кои излегоа од заедничко стебло пред неколку години, веќе планираат да формираат заедничка пратеничка група.
Фатлуме Дервиши