Алијанса и ВМРО со обвинувања до Рамиз Мерко

Луѓе блиски на градоначалникот Мерко, без соодветни критериуми и надвор од законските рамки го узурпираат најатрактивниот дел на Струга, обвинуваат од Алијанса на Албанците. Од таму велат дека нема никакви активности и процедури во насока на изработка и донесување на Генералниот урбанистички план, кој важеше до 2017 година. ништо не се случува ниту со донесувањето на општите урбанистички планови за туристичката населба Елен Камен и за селата Калишта, Долна и Горна Белица, Враништа, Биџево, Ново Село, Долно Татеши.
„Градење без критериуми и вон секаква законска норма околу градските плажи и во градот, овозможувајќи им на блиските на градоначалникот или политичките активисти да водат бизнис покрај езерото или внатре во градот. Нови узурпации на плажите во Струга, околу Охридското Езеро, врз основа на мотото „фати што ќе фатиш“, рече Љуљзим Насуфи-претседател на Алијанса на Албанците.
Според Алијанса, продолжува и злоупотребата на јавните простори во градот без соодветна одлука за паркиралиштата преку летниот период, а во некои случаи не се издаваат фискални сметки за земените пари. Насуфи вели дека во Струга продолжуваат и местените тендерски процедури.
„При што се фаворизираат воглавно две-три компании, многу блиски до градоначалникот, во сферата на реализација на градежни работи и една компанија во сферата на надзор на градежните работи“, додава Насуфи.
Обвинувања за состојбите во Струга доаѓаат и од ВМРО ДПМНЕ. Според нив, секое парче државна земја е узурпирано.
„Струга моментално е управувана од урбана мафија. Узурпирани се и патеките од плажите… Во Струга најзастапено кривично дело е бесправното градење. Градежните инспектори имаат донесено илјадници решенија за рушење, отстранување на бесправни објекти, но истите не се реализираат…“, вели Ален Деребан -ВМРО ДПМНЕ Струга.
Алсат побара став од општина Струга за овие обвинувања на Алијанса и ВМРО, но оттаму ни рекоа дека нема да одговорат.
Мики Трајковски