ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ добија доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смилковци

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ добија доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смилковци. Хаки и Фејзи Азири добија девет, односно 15 години затвор. Нив денеска кривичниот суд во пресудата ги прогласи за виновни за кривичните дела тероризам, односно помагање.

„Се работи за монструозно садистичко убивање, односно одземање животи и ликвидирање на деца кои едвај станале полнолетни и убивање на еден млад човек. Замислете ги чувствата на жртвите. Една секунда пред нивната смрт, односно ликвидација, клекнати на своите коленици, на земја…“

Обвинителката Фатиме Фетаи е задоволна од затворските казни. Побара осудените веднаш да бидат однесени во притвор.

„Заедничко за сите обвинети коишто беа огласени виновни е околноста што постои опасност од нивно бегство, а првообвинетиот Алил Демири и второобвинетиот Африм Исмаиловиќ веќе скоро девет години се во бегство.“

Обвинетите тврдеа дека нема да избегаат.

„Јас ниту сум некој дезертер за да се сомневате дека ќе бегам како што избегаа Груевски, Мијалков, Бошковски и другите граѓани од оваа држава.“

Сепак, судечкиот совет одлучи осудените веднаш да бидат притворени. Тие и нивните адвокати тврдат дека немаат никаква вина со убиствата. Фејзи Азири дури ги повика обвинителите да им презентира докази за тоа. Им даде рок од 10 дена или ќе ги објави и сподели со меѓународната заедница.

„Да му приложам докази за нарачателите на убиството, за организаторите на убиството на овој предмет, за помагачите со име и презиме и со прецизни докази.“

Адвокатите најавија жалби за затворските казни до Апелациониот суд, а ќе се повикаат на пресудата од Врховниот суд кој ги ослободи обвинетите.

„Во својот завршен збор, јавните обвинители токму овие казни ги побараа. За обвинетиот Хаки Азири девет помеѓу 10, за обвинетите Фејзи Азири единствена 15 и три доживотни.“

„Сега можам слободно да кажам дека сме уште подалеку од владеењето на правото. Очигледно дека во судот навистина треба, па и во обвинителството едно добро прочистување.“

На повтореното судење за случајот „Монструм“ разликата е во затворските казни. Кривичниот суд во 2014 година пресуди доживотен затвор за шест лица, меѓу нив беше и Сами Љута за кого сега обвинението е повлечено и е на слобода. Доживотен затвор сега има за тројца од обвинетите. Врховниот суд во 2017 година ги укина казните за случајот и судењето го врати на почеток, поради нови околности. Во повторената постапка се очекуваше аудио-разговорите што СДСМ ги достави до СЈО да дадат нова вистина, но тоа не се случи. Повтореното судење почна во 2018.

Igor Stefanovski

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button