Алтернатива и Алијанса: „Да се стави крај на притисокот врз АЛСАТ“
Алтернатива и Алијанса: „Да се стави крај на притисокот врз АЛСАТ“

По актуелизирањето на сопственичкиот спор во просториите на телевизијата Алсат и судската одлука дел од имотот на телевизијата да се стави на јавна продажба, дел од владејачките партии ги објавија своите ставови. Алтернатива на Африм Гаши, ги повикува Владата и коалициските партнери да престанат со притисокот врз Алсат и истовремено да преземат итни чекори против падот на довербата на граѓаните во државните институции. Во ставот на Алтернатива се нагласува дека не е оправдано поради пропусти на институциите да се врши притисок врз независен и единствен национален медиум на албански јазик.
„Алтернатива смета дека на овој начин се врши притисок врз медиумите, во случајов врз националната телевизија – основана од албанска компанија – која со години служи како модел за градење мултиетничко општество кај нас. Не е оправдано медиумите или граѓаните да ја плаќаат цената за грешките направени од институциите. Поради оваа причина Алтернатива ќе се ангажира во владините институции да се запре овој притисок врз ТВ Алсат М и ја повикува Владата да не дозволи ваквата штета да ја уништи довербата во институциите“, велат од Алтернатива.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, смета дека власта ја уценува Алсат, сакајќи да ја претвори државата во тоталитаризам и да воведе медиумски мрак. Села порачува сите институции, политички субјекти и граѓани итно да преземат чекори за да престанат притисоците и уцените на власта врз Алсат.
„Сè што се случува со телевизијата е тенденција да се удри врз слободата на говорот, што ние заедно со вас како медиуми и сите оние на кои слободата на говорот и слободата што ја прави смислата заедно со граѓаните, ќе мора да го прекинеме овој срам што го прави власта. Ако се вратиме не далеку наназад, јавноста е свесна и ги слушаше на прислушувањата и срамните изјави и срамниот телефонски повик на лидерот на партијата, Али Ахмети, недостоен за јавна личност да зборува во таа форма, упатен до сопственикот на телевизијата. Ова е уцена, ова е закана за слободата на говорот и слободата на граѓаните и апелираме да го запрат овој облик на дејствување, бидејќи е многу јасно дека се обидуваат да практикуваат тоталитаризам во сите можни форми. Ова не ѝ одговара на земја која бара членство во ЕУ“, изјави Зиадин Села, претседател на Алијансата за Албанците.
За случајот се известени странските дипломатски претставништва, а локалните институции молчат, односно Министерството за финансии, од каде била дадена согласноста за извршување и за јавна продажба на имотот. Да потсетиме дека за дел од имотот на Алсат се најде дека бил во судски спор поради хипотека која датира од 1993 година, но која не била евидентирана во ниту еден имотен лист од 2006 година, кога имотот беше купен, па сè до 2013 година. Освен тоа, во 2016-та Алсат го доби судскиот процес, а Граѓанскиот суд пресуди во полза на Алсат во март годинава. Но, еден месец подоцна, на 28 април, Апелациониот суд ја укина времената мерка и на извршителот и Министерството за финансии и од 1 март им дозволи да го стават на продажба имотот на Алсат. За ваквата одлука, компанијата која раководи со телевизијата Алсат, „ВеВе Груп“ оценува дека е донесена како резултат на политички притисок.
Адријан Керими