„Алтернатива“ ќе стисне зелено копче за уривање на Владата

Adrian Kerimi
Алтернатива ќе гласа едногласно за предлогот за изгласување недоверба на Владата. Откако Димитар Апасиев го повлече потписот од иницијативата, партијата на Африм Гаши оцени денеска дека условите за уривање на Владата се исполнети. Гаши рече дека потписите на Алтернатива нема да ги има ни мандатарот кој би ја имал поддршката од Левица. А, за обвинувањата на коалицискиот партнер Зиадин Села дека ставот на Скендер Реџепи е лага, Гаши рече дека очекува Села да се извини.
„Господинот Апасиев го повлече својот потпис од листата за барање за недоверба на Владата и ние како пратеници на Алтернатива одлучивме утре едногласно да гласаме за недоверба на Владата. Алтернатива ќе биде дел само од Влада која има јасен евроатлантски курс и политики за добрососедство. Не знаеме кој ќе биде мандатар и дали ќе има потреба од Алтернатива. Ние немаме 50 пратеници, имаме само 4. Тие што имаат потреба од нас, ќе зборуваме на принциелна основа и во партиските органи ќе одлучиме заеднички.“
Пратеникот Реџепи рече дека со повлекувањето на Левица се докажало оти Алтернатива не е на иста страна со деструктивни сили.
„Денеска беше испратена порака дека во ниту еден простор од општеството нема да има заедничка листа со луѓе кои се антиалбански, анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-Косово. Тоа нема да биде дозволено ниту во иднина доколку имаат таков курс.“
ВМРО-ДПМНЕ верува дека недовербата на Владата на Заев ќе биде изгласана со над 61 пратеник. А, по ревидирањето на списокот за барањето недоверба на Владата, паѓа во вода предлогот на ВМРО за поднесување на нова таква иницијатива.
На списокот испратен од Собранието се гледа дека од него се повлекол само Димитар Апасиев, но не и Борислав Крмов, исто така пратеник на Левица.