Амбасада на САД: Повеќето мигранти од Авганистан се упатени кон САД, Канада и други земји

1 450 авганистански државјани засолнети во нашата земја го чекаат комплетирањето на документите за потоа да бидат префрлени кон други дестинации. Информациите за нив се малку. Амбасадата на САД во Скопје, која е задолжена да ги заврши документите, вели дека Стејт департментот не може да даде конкретни информации за некои конкретни апликанти, но вели дека генерално повеќето од нив се насочени кон Канада, САД и други земји.
„Авганистанските евакуирани лица кои Северна Македонија прифати да ги дочека, пристигнаа во Северна Македонија во различни периоди и се финансирани од различни групи. Поради тоа има разлики меѓу нив. Општо земено, многумина гледаат да се преселат во САД, Канада или други земји. Стејт департментот не може да коментира околу статусот на индивидуални апликанти. Постојат различни невладини организации, граѓански организации, како и организации во Северна Македонија, САД и глобално, кои им помагаат на евакуираните луѓе да се преселат надвор од Авганистан“, наведоа од Американска амбасада во Скопје.
Владата продолжува да биде крајно воздржана во врска со информациите што ги дава за евакуираните од Авганистан, кои се засолнуваат кај нас. Не е познато дали некој од возрасните Авганистанци изразил желба да остане трајно во нашата земја, ниту дали некој од нив е ангажиран во работен однос како што првично беше најавено од институциите на земјава.
„За периодот на престој на граѓаните кои доаѓаат од Авганистан во земјата, се обезбедува здравствена заштита и психосоцијална поддршка. Триесет волонтери на Црвениот крст на должност, организирани во три смени, се грижат за дистрибуција на дополнителни средства за хигиена, облека, чевли. Тие се вклучени во активности за обединување на семејството и обезбедуваат медицинска нега во врска со лекови за хронична терапија. На барање и потреба од граѓаните, на располагање е и психолог“, рекоа од Владата.
Овие граѓани имаат виза од 90 дена додека не заврши постапката за нивно заминување до крајната дестинација. Првата група авганистански државјани во нашата земја пристигна на крајот на август.
Еви Шкопи