Амбасадори: Ситуцијата во Украина нема да го забави процеост на пристапување кон ЕУ

Ситуацијата во Украина нема да го забави процесот на пристапување на Македонија во Унијата, заклучија евроамбасадорот Дејвид Гир и францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер. Одговарајќи на новинарско прашање, двајцата кажаа дека сите услови за почеток на преговори се исполнети и го охрабрија дијалогот со Софија. Бомгартнер истакна дека приоритетот на процесот на проширување е на Балканот, а не во Украина.
По специјалното обраќање по повод случувањата во Украина, прашани за можни конфликти во регионот, амбасадорите одговорија дека Унијата презема дејствија да спречи такви сценарија.
„Има геостратешка игра која се однесува и на стабилноста на овој регион. Оваа состојба носи ризици и надвор од Украина, но како и при секоја криза секогаш има и некаква предност – состојбата наметнува од нас да заземеме став. На историското гласање вчера во Генералното собрание на ООН, со 141 глас беше поддржана Резолуцијата која ја осудува агресијата и сите шест земји од Западен Балкан гласаа „за“, рече Сирил Бомгартнер – амбасадор на Франција.
„Европските земји-членки и нашите сојузници работевме значително долго време се со цел да има безбедност во овој регион, така што ние се ангажираме во дијалогот Србија-Косово. Моите колеги, заедно со американски претставници, имаа чести посети неодамна во БиХ за да се отстрани било каков ризик за ескалација. Што се однесува на пошироката слика, се разбира, човек секогаш треба да биде подготвен“, рече Дејвид Гир – шеф на Мисијата на ЕУ.
Амбасадорите за земјава кажаа дека Македонија е сојузник кој служи за пример и сериозен партнер за време на украинската криза, додавајќи дека кризата е на самиот почеток. Францускиот амбасадор, чија земја во моментов претседава со Унијата, кажа дека европски приоритети во моментов се изолирање на агресорот, пружање поддршка на жртвата, заштита на Европа, но и мобилизирање на меѓународната заедница.
Лука Андреев