ВЕСТИСВЕТ

Америка пред бурна изборна година, Трамп се соочи со блокада за неговата номинација за претседател

Се поверојатно е дека Доналд Трамп нема да може да се кандидира на прелиминарните избори во американската сојузна држава Мејн. По Колорадо, ова е втора држава која одлучи дека поранешниот шеф на државата не може повторно да влезе во трката за фотелјата во Белата куќа. Како причина се наведува улогата на Доналд Трамп во нападот на Капитол од јануари 2021 година. Одлуката се оправдува со 14-тиот амандман на Уставот на САД, со кој се забранува оној кој учествувал во бунт да извршува јавна функција.

„Државната секретарка во Мејн, инаку демократ, пресуди дека Трамп не може да се натпреварува, поради 14-тиот амандман, односно забраната за оние кои учествувале во бунт да можат да се на таква функција, во случајов поради нападот на Капитолот на САД од шести јануари. Ова беше првпат во историјата да се употреби овој амандман, кој беше додаден по Граѓанската војна, со кој се спречува некој да се кандидира за претседател“, рече Ник Рикарди – политички аналитичар.

Сега предметот се наоѓа пред Врховниот суд во Мејн, а потоа и пред Врховниот суд на Соединетите Американски Држави. Аналитичарите истакнуваат дека тројца од шесте судии биле номинирани од Трамп за време на неговиот прв мандат. Според правните експерти, основите околу вмешаноста на Трамп во нападот на Капитол не се издржани и него сепак ќе му биде дозволено да учествува на државните прелиминарни избори.

Пред неколку дена, Мичиген и Минесота одбија да ги разгледаат жалбите со кои се бара дисквалификација на Доналд Трамп од прелиминарните избори. Од неговиот Кабинет веќе соопштија дека ќе се жалат на одлуката во државата Мејн. Најновите анкети покажуваат удобно водство за Трамп пред останатите кандидати од Републиканската партија, но и пред кандидатот на демократите и актуелен шеф на државата – Џо Бајден. Изборите за претседател на САД се закажани за петти ноември 2024 година.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button