Американска амбасада: Мијалков останува на црната листа

Соединетите Американски Држави остануваат посветени на борбата против криминалот и корупцијата. Запрашани од АЛСАТ да ја коментираат неодамнешната одлука на Апелациониот суд за масовното прислушување и постојаното „спасување“ на Мијалков од издржување затворска казна, од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје велат дека и покрај ваквите одлуки, американските санкции против поранешниот шеф на УБК остануваат во сила.
„И покрај последните судски одлуки за случајот „Таргет-Тврдина“, американските санкции против Сашо Мијалков остануваат на сила“, наведуваат од Амбасадата на САД во Скопје.
Во меѓувреме, американскиот тим за санкции се очекува повторно да се врати во змејава. Според американската амбасада, нивната последна посета не е единствената.
„Тимот од Вашингтон ја напушти Северна Македонија и ова беше прва од неколкуте такви посети на земјата“, додаваат од Амбасадата на САД.
Од друга страна, од канцеларијата на ЕУ велат дека многу внимателно ги следат последните случувања, но не коментираат судски процеси.
„Во интерес на сите граѓани е работата на судиите и обвинителите да се врши независно, непристрасно и професионално. Важно е да се процесуираат сите случаи иницирани од поранешното Специјално обвинителство, кое исто така носи одговорност за незаконското следење на комуникациите со цел да се врати довербата во судскиот систем“, велат од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Канцеларијата на ЕУ потсетува дека е против ветингот во судството и обвинителството додека земјата не ги исцрпи сите постоечки механизми, како што јасно стави до знаење Венецијанската комисија во својот извештај за 2022 година. Комисијата даде јасни препораки како да се подобри функционирањето на судството користејќи ги постоечките институции и механизми.
Спроведувањето на стратегијата за реформи во правосудството треба да се врши на посистематски начин. Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да продолжат со заложбите за целосно почитување на принципот на независност на судството и зголемување на транспарентноста, гарантирајќи истовремено интегритет на сите носители на судските функции, вклучително и ефективно користење на дисциплинските постапки.
Ардит Рамадани