Американската амбасадорка сугерира да се прифати францускиот предлог
Американската амбасадорка сугерира да се прифати францускиот предлог

Американската амбасадорка преку отворено писмо упатено до граѓаните сугерира да се прифати францускиот предлог. Таа ги истакна финансиските и демократските придобивки што ќе ги добие земјава по почетокот на преговорите со ЕУ.
„Прифаќањето на овој предлог значи дека конечно ќе имате место на преговарачката маса за членство. Тоа ги става земјите-членки на ЕУ, од кои многу се ваши блиски партнери и сојузници, во просторија со вас. Европската комисија ќе ги чека вашите тимови во Брисел и ќе испрати свои експерти да поминат време овде на терен, спроведувајќи го процесот на скрининг и самите да сведочат за демократското општество што постои овде“, напишаа Кејт Мари Брнз, Амбасадорка на САД во Скопје.
За содржината на предлогот, Брнз вели дека го признава македонскиот јазик и идентитет, критикувајќи ја Владата дека остава премалку време за јавна расправа за истиот.
„Прашањата содржани во предлогот се технички и ви беа презентирани без многу време за јавна расправа. Разбираме дека тоа не е она што вие би го подготвиле доколку сте во можност еднострано да ги диктирате термините – но ги признава македонскиот јазик и идентитет и ги штити од понатамошен предизвик. Иако можеби не е совршен, предлогот го прави она што е неопходно: ги штити вашите основни интереси и иницира динамичен процес на преговори и скрининг“, додаде Кејт Мари Брнз, Амбасадор на САД во Скопје.
Писмото на Брнз доаѓа по вчерашното обраќање на францускиот претседател Макрон, по посетата на специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Сарацин во Скопје и на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. Сите дадоа поддршка на актуелниот предлог./Alsat.mk
Адријан Керими