МАКЕДОНИЈА

Американски експерти ќе бараат корумпирани функционери во Македонија

По низата критики од меѓународниот фактор за нивото на корупција кај нас, американската амбасадорка Ангела Агелер соопшти дека во земјава пристигнал тим експерти од Вашингтон кој поагресивно ќе истражи сегашни и поранешни корумпирани функционери.

„Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, рече Агелер.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл“ вели дека не треба да нè чудат постапките на САД бидејќи веќе подолго време најавуваат антикорупциски активности во земјава.

Тасева не ја исклучи можноста на американската црна листа да се најдат и други лица од земјава, додавајќи дека во наредните денови САД ќе бараат расчистување на некои суштински случаи за правдата.

Последниов период С Македонија беше цел на меѓународни критики за нивото на корупција. Агелер остро зборуваше за начинот на кој Ислам Абази беше избран да раководи со најмоќното обвинителство во земјата, она за гонење на организиран криминал. Потоа евроамбасадорот Дејвид Гир го критикуваше доделувањето македонско државјанство за Онишченко, а амбасадорката на Германија Анке Холштајн рече дека патот на земјата кон ЕУ ќе зависи и од тоа колку ќе се бори против корупцијата.
Инаку, на американската црна листа неодамна беа додадени Никола Груевски и Сашо Мијалков. На неа се и Мендух Тачи, Џеват Адеми, Љубе Бошковски и други.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button