Американскиот амбасадор ги прекори правосудните институции

Амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Прајс Агелер, испрати писмо со вознемирувачка содржина до Апелациониот суд во врска со постапувањето на овој суд во важни судски случаи и нивното враќање во првостепена постапка. Писмото до кое Алсат дојде од извори во Владата е со датум од 11 април, а во него Соединетите Американски Држави изразуваат загриженост и разочарувањето од постапките на Апелација кон судските предмети, односно праксата да се враќаат од почеток.
„Секој ден сум се повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги враќа во првостепена постапка на повторно судење. Разбирам дека може да има неколку причини за враќање на предметите но се чини дека зголемениот број на вратени предмети и задоцнетата правда во правните постапки станува практика. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги префрлат предметите по судење до Апелација, и нивното враќање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд, дополнително ја намалува и онака ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, се наведува во писмото.
Во писмото кое Агелер го упатила до премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за правда Кренар Љога, претседателот на Врховниот суд Беса Адеми, раководителите на Апелационите и Основните судови, се наведува дека САД инвестирале за 30 години над половина милијарда евра во владеењето на правото, но според неа резултатите постојано се намалуваат.
„Повеќе од 30 години, САД ја поддржуваа Северна Македонија во нејзините цели, вклучувајќи го владеењето на правото и ефикасното владеење. Потрошивме над 560 милиони долари за да помогнеме во овие области, вклучувајќи обука и програми за повеќето обвинители и судии. За жал, се плашам дека нискиот резултат од оваа инвестиција ќе продолжи да се намалува“, се додава во писмото.
Писмото е испратено и на адреса на вицепремиерката за добро владеење, Славица Герковска, која коментирајќи ја неговата содржина, вели дека се надева оти ваквите повици можат да влијаат на подобрување на правосудниот систем.
Извештајот на САД на индиректен начин се осврна и на постапките на судијата Енвер Беџети, поранешен кандидат за судија на Врховниот суд кој беше дисквалификуван поради негативни оценки против него како резултат на дејствијата што ги презеде при враќањето на предметите во првостепена , за делата за кои се гонеше поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Слично писмо во 2018 година беше упатено и од поранешниот американски амбасадор Џес Бејли, кој им наложи на судиите да не се оправдат во негово име и во име на САД при донесувањето на одлуките.
Адриан Керими