Американскиот Стејт департмент нотира кршење на правата на Македонците во Бугарија

Во време кога Софија го обвинува Скопје за кршење на правата на Бугарите што живеат во земјава, американскиот Стејт департмент заклучува дека всушност Бугарија е таа што и понатаму ги крши правата на Македонците. Според Стејт Департментот, напорите на бугарските власти да казнат службеници кои ги кршат човековите права се недоволни, па неказнивоста останува проблем.
Стејт Департмент: „Властите во Бугарија сè уште не дозволуваат регистрација на групни активности на Македонците, како што се организацијата Илинден, Здружението на прогонувани Македонци, жртвите на комунистичкиот терор и Македонскиот клуб за толеранција во Бугарија и покрај одлуката на судот во мај минатата година и над 10 прелиминарни судски одлуки на Европскиот суд за човекови права, според кои се повредени правата на групите.“
Помошникот државен секретар на САД Метју Палмер ја истакна итноста на дијалогот меѓу Скопје и Софија за решавање на прашања надвор од меѓународните формати, како што се НАТО и ЕУ. Палмер рече дека САД очекуваат преговорите меѓу Скопје и ЕУ да започнат оваа година.
Според вицепремиерот Димитров, ќе биде тешко ЕУ да го задржи својот кредибилитет ако преговорите за членство не започнат ниту годинава. Од Љублана, словенечкиот шеф на дипломатијата, Логар рече дека Словенија ќе ѝ помогне на С. Македонија за време на нејзиното претседателство со ЕУ во втората половина од годината.
„Забрзајте ги реформите. Словенија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во преговорите за членство во ЕУ“, изјави Анже Логар, министер за надворешни работи на Словенија.
Инаку, односите меѓу Скопје и Софија влегоа во тензична фаза со приближувањето на парламентарните избори во Бугарија. Скопје испрати протестна нота за провокативниот предизборен видео-клип на бугарското ВМРО, а Софија претходно протестираше поради забраната да бидат внесени околу 1.000 книги, како и поради еден крајно негативен извештај за неа, што го изготви словенечкиот институт ИФИМЕС од Љубљана.
Анеса Салиху