ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Аналитичари: Нова влада во Бугарија не е причина за оптимизам за решавање на спорот

Бугарија ќе го попречува евроинтеграцискиот пат на Македонија најмалку уште една година. Цела 2022 година двете држави ќе бараат заедничко решение за отстранување на блокадата и стремење кон иднината, проценува за Алсат, Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Бугарија. Тој е песимист и дека брзо ќе се формира новата Влада. Време ќе се потроши и во утврдувањето на моделот за преговори – кој не треба да биде само на тема историја, туку и на на тема економија, енергетика, инфраструктура.

„Ставовите на Република Бугарија се идентични како и претходно дури и со некакви зајакнувања и нови барања кои би биле тешко реализирани во брз рок. Така што според мене ќе биде потребно многу трпение и во текот на цела 2022 година да се работи на она што го предлагаат носителите на победата Иванов и Василев, формирање на работни групи и барање начин да се оди напред пред се со поглед кон иднината“, рече Ѓорчев.

Со сличен став е и Ивица Боцевски, кој не очекува Бугарија да се откаже од барањата кои не смеат да бидат прифатени во однос на идентитетот, јазикот и нацијата. Тој вели дека земјава не треба да очекува помош од САД или Европската Унија, дека тие ќе го решат проблемот и Македонија ќе ги отпочне преговорите за членство.

„Бугарите сакаат далеку сеопфатен договор, кој што ќе овозможи бугаризација на Македонија. Да се разбереме, нивните ставови не се околу некои имагинарни малцинства, или било што. Нивните ставови се целосно да се разрушат темелите на македонската нација и Македонците да признаат дека имаат бугарски корени и дека македонскиот јазик е само еден измислен јазик кој што почива на дијалектот на бугарскиот“, вели Боцевски.

Двајцата соговорници апелираат дека земјава не смее да отстапи од своите црвени линии.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button