Аналитичари очекуваат договор со ВМРО и покрај цврстиот став на Мицкоски
Аналитичари очекуваат договор со ВМРО и покрај цврстиот став на Мицкоски

На трибината на ВМРО-ДПМНЕ партискиот претседател Христијан Мицкоски порача дека за него темата за уставните измени е затворена. Според Мицкоски, СДСМ одбегнува да каже кој од двата предлога на опозицијата е прифатлив и со тоа, како што оценува, ја отфлиле историската шанса за иднината на Македонија и одбрале да туркаат бугарски диктат. Но, дел од аналитичарите сметаат дека овој став на Мицкоски е премногу тврд и треба да се земе со резерва. Политологот Синиша Пекевски вели дека домашните политичари често ги менуваат позициите. Според него, треба да се земе предвид фактот дека сепак оваа изјава на Мицкоски е дадена пред сопственото гласачко тело на партискиот роденден синоќа.
Пекевски очекува да се изнајде договор, особено поради геополитичкиот контекст, односно војната во Украина и случувањата на северот на Косово.
„Во минатото се покажа дека притисокот што го вршат странците, односно странските дипломати е огромен и на крај ќе изнајдат модус како да ја натераат опозиционата партија да се согласи на некакви отстапки и наоѓање решение кое ќе биде условно прифатливо за сите, иако јас реално не очекувам да биде прифатливо за поголемиот дел од македонската јавност“, рече Синиша Пекевски – политички аналитичар.
Пекевски неодамнешната лидерска средба ја нарече „шарада“, зашто власта и онака претходно тврдела дека има 80 пратеници кои ќе поддржат уставни измени. Тој повика решението да се изнајде преку институциите.
„Јас сметав дека сето ова е шарада. Дијалог не се води преку медиуми и не се води на лидерски средби, туку дијалог се води во институциите. Во институциите треба да се најде решение поврзано со ова, а до тоа решение се доаѓа кога сите заинтересирани страни, односно не само партиите, туку и интелектуалната фела ќе се вклучи во овој предизвик. До тогаш само ќе гледаме театар“, изјави Синиша Пекевски – политички аналитичар.
Инаку, Мицкоски на трибината уште додаде дека е подготвен да разговара за неговите предлози ако, како што рече, власта се вразуми. За најавите на власта за поединечни разговори со пратеници, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека сега е друго време, а не 2018-та година, алудирајќи на последната промена на Уставот, која ја поддржаа дел од пратениците на партијата.
Лука Андреев