Анализа: Расте евроскептицизмот кај младите, зголемена поддршката за Евроазиската унија

Изминатата 2020 година ја одбележаа значителни пресврти во процесот на европска интеграција. Следствено, овие настани се одразија на јавното мислење и перцепцијата на населението кон ЕУ. Во 2020 година, се става крај на долгогодишниот тренд на опаѓање на поддршката за ЕУ, со 69 проценти од населението кое дава поддршка за членството во ЕУ, за 4% повеќе во споредба со 2019 година. Дополнително, меѓуетничкиот јаз во степенот на поддршка на членството на ЕУ се намалува.
Ова го посочуваат резултатите од два истражувачки труда на тема „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“ (2014 – 2020) и „Политички тобоган – Година исполнета со пресврти за Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, кои денеска беа презентирани онлајн во организација на Институтот за демократија Социетас Цивилис и Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје.
Сепак, според анализите, паралелно на овие придвижувања, воочлив е и соодветен раст од 3 отсто на евроскептичните ставови, кои сега претставуваат 22 проценти од популацијата. Од тука, поддршката кон Евроазиската унија како алтернатива на членството во ЕУ бележи раст од околу 13 проценти во однос на 2019 година. Заканата за губење на националниот идентитет и губењето на суверенитетот и независноста на државата како последица на процесите на европеизација се наметнуваат како најважни фактори за формирањето на евроскептичните ставови.
Иако, испитаниците се’ уште ја гледаат Европска унија како најголем сојузник, сепак, оваа перцепција бележи опаѓање од 7,6 проценти во однос на 2019 година. Дополнително, САД го земаат водството на ЕУ како фактор со најголемо влијание, додека пак Русија низ годините бележи благ пораст во однос на перцепцијата за нејзиното влијание. Европската Уунија, пак, се’ уште се гледа како најголем финансиски донатор на Северна Македонија.