ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЦУК кажа дали постои опасност од излевање на Вардар во Аеродром

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов денеска информираше дека не постои опасност од излевање на реката Вардар во околните згради во општина Аеродром, откако вчера Вардар направи „заезерување“ и поплави дел од велосипедската и пешачката патека во Аеродром, кај новиот мост во изградба во близина на хотелот „Русија“.

Како што наведе Ангелов, поради градежниот зафат кој е направен во однос на изградбата на мостот, направен е насип со кој што е попречено дел од речното корито, со што доаѓа до подигнување на нивото на водата, која како што рече самиот, се испушта од системот на мавровските електрани но и од Козјак, Матка 1 и Матка 2, поради производство на електрична енергија.

„Но, водата која што се испушта е еквивалентна на водата што влегува во овие езера бидејќи езерата се блиску со биолошкиот минимум, па така не се испушта повеќе вода отколку што влегува“, додаде Ангелов.

Според него, и покрај најавените врнежи во наредните денови, не постои опасност од излевање на реката во околните згради, туку од заезерување на овој дел од речното корито кој што може да поплави единствено стотина метри од кејот на Вардар и да ја оштети велосипедската и пешачката патека.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button