Ангелов: Вчера изгаснати 66 пожари на отворено, дел се подметнати

Вчера беа изгаснати 66 пожари на отворено, а во моментов во земјава активни се пет пожари и пет пожари се ставени под контрола, изјави на прес – конференција Стојанче Ангелов, раководител на националниот Штаб за цивилна заштита и директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во изјава за медиумите, Ангелов истакна дека дел од пожарите се подметнати и поднесени се прекршочни пријави.
– Имаме сериозни индиции и основано сомнение дека дел од пожарите се подметнати. Пред три денови најдовме дрвени палети полиени со бензин фрлени во грмушки смреки, и благодарение на тоа што предвреме беа забележани истите беа отстранети за да не ги разгорат пожарите. Синоќа во пожарот што изби спроти Смилковско Езеро беше пронајдена гума, а на друго место и неколку шишиња со бензин. За овој случај ќе биде поднесена пријава, но исто така вчера МВР поднесе кривична пријава против лице за кое има основано сомнение дека предизвикувало палежи. Вчера беа фатени две лица кои со шишиња со бензин се обиделе да предизвикаат пожар. Апелирам до сите граѓани доколку забележат сомнително однесување на лица веднаш да пријават на бројот 112 или во најблиската полициска станица, истакна Ангелов.