
Продолжениот раст на инфлацијата е феномен присутен во речиси сите економии во светот, што предизвикува подигнување на нивото на инфлациските очекувања и создава ризици за ценовната стабилност. Слична е состојбата и во земјите на Западен Балкан, поради што сите централни банки веќе започнаа со циклусот на монетарно затегнување преку соодветно управување со ликвидноста, зголемување на каматните стапки, а во зависност од монетарните стратегии коишто ги имаат, и преку користење други инструменти.
Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која заедно со вицегувернерот на Народната банка, Фадил Бајрами, учествуваше во Тирана на Годишната конференција во организација на Банката на Албанија и Лондонската школа за економија и политички науки.
– Во услови кога растот на инфлацијата во голема мера произлегува од факторите на понудата, а неповолните ризици за побарувачката стануваат сè поизразени, неопходно е чекорите на централните банки да бидат внимателни и постепени. Со тоа ќе се намали штетата за економиите, чијшто раст и онака забавува, во услови кога ризиците од војната во Украина и енергетската криза се високи. Истовремено, на таков начин финансиската стабилност се заштитува од поголеми ризици. Во секој случај, централните банки и натаму се придржуваат до затегнување на монетарните услови, заради одржување на стабилноста на цените, посочи гувернерката на НБ.