
Делта-варијантата на коронавирусот ги намали сите шанси за постигнување колективен имунитет, е заклучокот на група експерти во која е вклучен шефот на тимот за развој на оксфордската вакцина на компанијата „Астра Зенека“. Покрај тоа, тие повикаа на прекин на масовното тестирање за Велика Британија да може да почне да живее со болеста.
Истражувачите пред британскиот парламентарен комитет заклучија дека е дојдено време да се прифати фактот дека не постои начин да се запри ширењето на вирусот кај целата популација и дека следењето луѓе со благи симптоми не помогнало, пренесува „Телеграф“.
Професорот Ендрју Полард, кој го предводеше тимот за развој на оксфордската вакцина, рече дека е јасно дека делта-сојот може да ги инфицира и вакцинираните луѓе, поради што е невозможно да се постигне колективен имунитет, дури и со висок процент на вакцинирани.
Изјавата на експертите следуваше откако Ангела Меркел беше прва во Европа која објави прекин на бесплатните тестови во Германија на 11 октомври, со цел да ги охрабри граѓаните да се вакцинираат.
Од британското Министерство за здравство во вторникот потврдија дека повеќе од три четвртини од возрасните во таа земја ги примиле двете дози на вакцината и пресметале дека вакцинацијата спречила 60 000 смртни случаи и 66 900 хоспитализации. Сепак, експертите веруваат дека ништо нема да го спречи ширењето на вирусот.