Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта, откако беше ставен на американската црна листа
Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта, откако беше ставен на американската црна листа

Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев остана без функцијата почесен конзул на Малта во Македонија, само два дена откако беше ставен на американската црна листа. Информацијата ја објави „Тајмс оф Малта“ цитирајќи го портпаролот на Министерството за надворешни работи на Малта.
„Со оглед на овие случувања, Министерството веднаш го прекинува неговото именување и внимателно ги следи последните случувања”, Министерство за надворешни работи на Малта.
Многу брзо по објавувањето на оваа вест, поранешниот вицепремиер Анѓушев, пак, преку соопштение до медиумите објави дека тој одлучил да се повлече.
„Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт Департмент против мене, со тврдења со кои не се согласувам, но кои ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неправдана. Се додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на која било држава или институција“, Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер.
И додека другите земји постапуваат според одлуката на САД кои го ставија Анѓушев на црната листа, институциите во земјава не презедоа никакви мерки. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека обвинувањата се сериозни.
Премиерот рече дека сега се подготвуваат законски измени за лицата кои се санкционирани од САД и ЕУ да не можат да вршат јавни функции и да не можат да имаат бенефиции во државата.
Американскиот Стејт департмент во вторникот објави дека Анѓушев повеќе нема право да влезе во САД бидејќи додека бил вицепремиер ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, со што ја нарушил довербата на јавноста во Македонија во државните институции.. Покрај Анѓушев, санкционирани се и најблиските членови на неговото семејство.
фатлуме дервиши