Анкета на ИДСЦС: Половина граѓани би се вакцинирале, 16 проценти се двоумат

Институт за демократија преку Програмата за парламентарна поддршка спроведе анкета, според која половина од анкетираните граѓани изјавиле дека би се вакцинирале, а 16 отсто се уште се двоумат.
Најголем дел од граѓаните, според анкетата, ја преферираат вакцината на „Фајзер“. Од друга страна граѓаните сметаат дека Владата не прави доволно за да ја адресира состојбата со актуелната криза.
На прашањето „Дали би се вакцинирале“, 50 отсто одговориле со „да“, 34 проценти со „не“, а „не знам“ одговориле 16 проценти од испитаниците.
Триесет и девет проценти одговориле дека би се вакцинирале со „Фајзер“, со „Спутник“ 21 отсто, со кинеската „Синофарм“ шест отсто, со „Модерна“ пет отсто, додека со „Астра зенека“ три проценти од граѓаните.
„Не знам“ со која вакцина одговориле 27 проценти од анкетираните граѓани.
На прашањето „Дали Владата прави доволно за да ја адресира состојбата со здравството, економијата и образованието“, со „да“ одговориле 39 отсто, „не“ кажале 53 проценти, а „не знам“ осум проценти.
Во денешното соопштение на Институтот за демократија не е наведено на колкав број анкетирани е извршено истражувањето на јавното мислење. Додаваат дека извештајот од анализата на јавното мислење за изминатата година ќе биде достапен за јавноста следната недела.