Антикорупциска до Судски: Законите важат подеднакво за сите

Антикорупционерите повторно реагираат за номинацијата на членови од судскиот совет и советот на јавни обвинители во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Антикорупционерите веќе побараа овие одлуки да бидат вон сила, но членовите на судскиот совет вчера одлучија да не постапат по барањето на антикорупционерите. Антикорупционерите денес ги потсетија членовците на Судскиот совет дека законите важат еднакво за сите и дека мора да се почитуваат.
ДКСК го реафирмира својот став донесен на седницата одржана на 08.11.2024 година, дека Одлуките на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители не се во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и со Законот за академијата за судии и јавни обвинители. Пропишаната забрана за вршење на други дејности и членување во управни и надзорни одбори за време на вршење на функцијата важи и во конкретниот случај, велат од ДКСК.
И американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање за случувањата со номинирањето на членови во управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, рече дека законите треба да се почитуваат, но и дека јавноста треба да добие јасно објаснување за тоа што се случува таму.
„Знаете, Јас немам особено мислење за ова бидејќи ги немам сите детали, но знам дека е исклучително важно овие обвинувања, коментари и препораки да бидат многу внимателно разгледани и треба да бидат разгледани на начин на кој јавноста ќе добие објаснување кои прашања ќе бидат поставени и зошто и кој е мотивот позади овие истражувања. Така што и јас се надевам дека ќе дознаам повеќе за ова прашање исто како и вие“, рече Агелер.
Вчера судскиот совет одржа седница на која се очекуваше да ги повлече номинациите на Ханиф Зендели и Антоанета Димовска за членови на управниот одбор во Академијата за судии и јавни обвинители, но наместо тоа членовите на советот одлучија да не постапат по барањето на ДКСК кое го нарекоа скандалозно и спротивно на законот. Покрај судскиот совет своите номинации треба да ги повлече и советот на јавни обвинители, но оттаму се уште се немаат произнесено по одлуката на антикорупциска.
Михајло Донев