Антикорупциска ќе покрене кривична против Рашковски и Зекири
Антикорупциска ќе покрене кривична против Рашковски и Зекири

Антикорупциска ќе покрене кривична пријава против двајцата поранешни секретари на Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зекири, поради сомнение дека за пет години вработиле стотина лица со авторски договори во Секретаријатот на Владата. Според антикорупционерите, овие одлуки не биле во согласност со Законот за вработување во јавниот сектор, со што државниот буџет бил оштетен за околу 2,5 милиони евра.
Иницијатива за кривична пријава, Антикорупциска ќе покрене и за државниот правобранител, Фехми Стафа и четворицата градоначалници и на Сарај, Чаир, Петровец и Брвеница кои во исто време ја ангажирале поранешната водителка Бесмира Ејупи со договори за извршување на истата работа што ја има вршено и за државниот правобранител. Од антикорупциска комисија потенцираат дека и во овие општини се регистрираат десетици вработувања годишно со договори на дело.
Антикорупционерот Нури Бајрами рече дека треба да има одговорност за повеќе раководители на институциите. Тој посочува дека вработувањето од ваков вид ги принудува младите да ја напуштат државата.
„Затоа, сега ја имаме оваа ситуација со луѓе кои бегаат од државата, бидејќи не можат да се вработат. Во однос на дадените согласности од Министерството за финансии, ви велам, потврдувам и ќе преземам лична одговорност за тоа што ќе го кажам, дека не треба да се даваат никакви согласности и намена на средствата. Треба јасно да се каже зошто се даваат согласности и кои се начините за пополнување на слободните работни места, согласно Законот за вработени во јавниот сектор“, рече Бајрами.
Од Антикорупциската комисија велат дека чекаат одговор и целосна документација од Владата за шестмината вработени во Службата за општи и заеднички работи кои во јануари како новинари отпатуваа во Софија.
Мефаил Исмаили