Антикорупциска: Незаконски поставени четворица членови на УО на Академијата за судии и јавни обвинители
Антикорупциска: Незаконски поставени четворица членови на УО на Академијата за судии и јавни обвинители

Судскиот совет и советот на јавни обвинители да ги стават вон сила одлуките за назначување на четворица членови на управниот одбор во академијата за судии и јавни обвинители, одлучија антикорупционерите на денешната седница. Според она што го констатираше Антикорупциска, одлуките двајца членови на судскиот совет и двајца членови на советот на јавни обвинители да бидат избрани за членови во управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и спротивно на Законот за избор на членови во Академијата на судии и јавни обвинители.
„Во конкретниот случај освен што постои недозволена акумулација на функции кај едно исто лице, таквата состојба претставува и постоење на континуиран, потенцијален судир на интереси, затоа што овие лица на тој начин би имале право да одлучуваат, како во фазата на приемот во почетна обука и во фазата на полагање на завршниот испит во својство на членови на управниот одбор, така и за изборот на кандидатите кои ја завршиле почетната обука за судии и јавни обвинители во својство на членови на советот на јавните обвинители и судскиот совет„, рече Билјана Каракашова Шулев, член на ДКСК.
Претходно пак, судскиот совет на седница донесе одлука членовите Антоанета Димовска и Ханиф Зендели да ги номинира за членови на Управниот одбор на Академијата, додека Советот на јавни обвинители ја номинираше претседателката Душица Димитриевска, како и уште еден член на советот. За овие одлуки на судскиот совет и советот на јавни обвинители, власта во неколку наврати алармираше дека претставуваат кршење на законот, како и дека со ваквите одлуки во Академијата се поставуваат луѓе блиски до опозицијата. Покрај ВМРО-ДПМНЕ, забелешки за овие одлуки на судскиот совет имаше и од невладината Коалиција сите за правично судење, од каде посочија дека назначувањето на лица во академијата кои веќе се дел од судскиот совет и советот на јавни обвинители е контроверзно и отвора простор за ризик од корупција и судир на интереси./Алсат.мк
Михаило Донев